Поради зголемениот обем на сообраќај на мобилните оператори, Агенцијата за електронски комуникации наскоро ќе додели уште една радиофреквенција, од чија продажба ќе инкасира најмалку 5 милиони евра. Два мобилни оператора уште лани во ноември од регулаторното тело побарале дополнителна радиофреквенција со образложение дека имаат драстичен скок во употребата на мобилните комуникациски услуги, кој не можат да го задоволат со постојните капацитети. Oператорите „Т- мобиле Македонија“ и „Вип“ изразиле интерес за фреквенција која поддржува услуги од третата генерација (3Г). Ако „Вип“ ја добие радиофреквенцијата, тогаш првпат ќе ги нуди 3Г-услугите преку своја мрежа бидејќи досега за ова ја користи инфраструктурата на другите оператори.
Поради зголемениот обем на сообраќај на мобилните оператори, Агенцијата за електронски комуникации наскоро ќе додели уште една радиофреквенција, од чија продажба ќе инкасира најмалку 5 милиони евра.
Два мобилни оператора уште лани во ноември од регулаторното тело побарале дополнителна радиофреквенција со образложение дека имаат драстичен скок во употребата на мобилните комуникациски услуги, кој не можат да го задоволат со постојните капацитети.
Kако што дознаваме, операторите „Т- мобиле Македонија“ и „Вип“ изразиле интерес за фреквенција која поддржува услуги од третата генерација (3Г). Ако „Вип“ ја добие радиофреквенцијата, тогаш првпат ќе ги нуди 3Г-услугите преку своја мрежа бидејќи досега за ова ја користи инфраструктурата на другите оператори.
- Kако резултат на пристигнатото барање од операторите, а во врска со доделување дополнителни радиофреквенции кои се сметаат како национално богатство, имаме обврска да се обратиме до Владата, која треба да одлучи колкав ќе биде надоместокот за новите фреквенции. Владата одлучи еднократниот надоместок да има почетен износ од 5 милиони евра. Бидејќи постапката се спроведува согласно со стариот Закон за електронските комуникации, нема да има јавно наддавање, односно фреквенциите ќе ги добие операторот што ќе понуди поголем износ за истите - велат во Агенцијата за електронски комуникации.
Ценовна војна
Ова барање на мобилните оператори за нова радиофреквенција поради зголемен обем на работа покажува дека кризата многу не му наштетила на пазарот за електронски комуникации. За виталноста на оваа стопанска гранка зборуваат и податоците од извештајот за 2011 година на АЕK за работата на трите мобилни оператори. Според него, во пораст се сите показатели за состојбата во мобилната телефонија, како што се бројот на активни претплатници, остварени разговори и испратени СМС и ММС-пораки. Единствено има намалување во остварените приходи на операторите, но тоа првенствено се должи на засилената конкуренција на пазарот која доведе до ценовна војна помеѓу нив.
Трите мобилни оператори, „Т-мобиле“, „Вип“ и „Оне“, 2011 година ја завршиле со 2.212.223 активни претплатници во мобилната телефонија, што е раст од 2,78 отсто во однос на претходната година. Стапката на пенетрација е 107,82 отсто, односно во земјава има повеќе активни мобилни телефони отколку жители.
Два часа на телефон
Мобилните оператори лани свртеле околу 93 милиони евра, што е пад на приходите од 16,41 отсто во однос на 2010 година. Најголем пад имаат приходите за повици во сопствената мрежа (26,19 отсто), што се должи на големите попусти на операторите за да ги задржат корисниците. Приходите остварени од испратени СМС-пораки бележат пад од 6,16 отсто додека, пак, приходите од испратени ММС-пораки бележат раст од 28,18 отсто во однос на 2010 година.
Во минатата година, македонските граѓани разговарајќи на мобилен телефон поминале 3,4 милијарди минути, односно 57 милиони часа што е за 28,17 отсто повеќе во однос на 2010 година. Во просек зборувале на мобилен по 129,66 минути месечно. Најголем дел од разговорите се остварува во сопствена мрежа и изнесува 111,90 минути. Kон мрежата на друг оператор се зборува просечно по 14,78 минути месечно, а пак месечните разговори кон фиксни телефонски мрежи и кон мрежи во странски држави се 2,02 минути односно 0,96 минути. Од операторите, најмногу зборуваат претплатниците на „Оне“, чии разговори во просек траат по 2,21 минути.
Година на „Вип“
Во 2011 година, „Вип“прв пат го надмина „Оне“ според пазарниот удел на активни претплатници со што ја зазеде втората позиција на пазарот за мобилна телефонија, што веројатно се должеше и на повластената позиција како најмлад оператор. Оваа позиција компанијата ја загуби од овој квартал.
„Вип“ ја заврши годината со пазарен удел од 25,60 отсто, „Оне“ со 22,36 отсто, додека „Т-мобиле“ ја одржа стабилноста со удел кој се движеше од 53,71 до 52,04 отсто.